Македонското археолошко научно друштво, единствената асоцијација на професионални археолози во Македонија, го изразува својот револт на пресудата за случајот „Музеј“ со којашто вработени во Музејот на Македонија и еден златар беа осуден на затворски казни од една до 8 години и осум месеци за исчезнување на артефакти во Музејот.

„Институциите инволвирани во овој судски процес, нам и на јавноста ни должат транспарентно објаснување како и зошто се случи да бидат обвинети вработени во Музејот на Македонија, имајќи го предвид ноторниот факт дека исчезнатите вредни предмети не се пронајдени ниту пак се откриени сторителите на кражбата. Дигнитетот на нашата професија во изминативе неколку години,  вклучувајќи го и овој последен чин на јавно понижување, за жал е  урнисан токму пред портите на институциите коишто ја чуваат и ја штитат слободата на мислата и човечката правда и правото“ се вели во реакција на Археолошкото друштво.

Тие сметаат дека нивните колеги се осудени на драконски казни иако стручно и чесно си ја вршеле работата.

„Лицата осудени со драконски казни, какви што не и се познати на историјата на македонското право, стручно и чесно ги открија на археолошките терени сега исчезнатите артефакти, истите ги документираа, јавно ги презентираа на археолошки изложби и ги популаризираа во печатените и електронските медиуми“ додаваат во реакцијата.

Тие бараа од инстируциите да ги отркија вистинските сторители на овој според нив, срамен чин којшто и наштети на државата, на Министерството за култура, на музејските установи, но најмногу на македонската археологија.

OhridNews

извор Макфакс