Позициите на Зинедин Зидан во Реал Мадрид се сериозно разнишани по синоќешната сензационална елиминација од Алкојан, во Купот на Шпанија. Реал и со играч повеќе на теренот не успеа да го елиминира членот на Терцера.
„Марка“, медиум кој секогаш е добро информиран за случувањата на „Сантијаго Бернабеу“, тврди дека Зидан ќе замине по завршувањето на сезоната, иако во текстот не се исклучува можноста тој да добие отказ и во текот на сезоната, доколку тимот не успее да го врати на вистинскиот курс.
Аргентинските медиуми, пишуваат дека наследникот на Зидан ќе пристигне од Јужна Америка. Станува збор за најдобриот тренер на овој континент, Марсело Гаљардо. Од 2014 година, Гаљардо, со Ривер Плејт, два пати го освои Копа Либертадорес.
Гаљардо како тренер работел и во Национал од Монтевидео. Кариерата како играч ја градел во Ривер, Ди-си јунајтед, ПСЖ и Монако.
Сосиедад и Арсенал се тркаат за Одегард
Талентираниот Норвежанец, Мартин Одегард, побарал до крајот на преодниот рок да биде испратен на позајмица. Одегард е незадоволен од статусот што го има во тимот на Реал Мадрид, негова желба е да замине во тим каде што ќе игра редовно.
Шпанските медиуми пишуваат дека за 22-годишниот фудбалер, интерес покажале пет клуба, но дека битката за неговиот потпис ќе ја водат Реал Сосиедад и Арсенал.
Овие извори шпекулираат дека желбата на Одегард била да се врати во Сан Себастијан, каде што блекаше минатата сезона во дресот на Реал Сосиедад. Поради Сосиедад тој ја одбил понудата на Севилја.
Одегард од почтокот на сезоната, настапил на девет натпревари за Реал, односно одиграл скромни 367 минути.
OhridNews