66-годишен Аргентинец шест години ги држел во кафез својата сопруга и аутистичниот син во куќа во местото Мар дел Плата, околу 400 километри од главниот град Буенос Аирес, пренесува „Макфакс“.
„Тоа е потресна приказна. Кога влеговме во куќата, тоа беше чисто лудило“, изјавил за локалните медиуми правосуден извор кој сакал да биде неименуван.
Поранешниот ѕидар направил импровизиран кафез во којшто шест години ги чувал затворени својот аутистичен 32-годишен син и 61-годишната сопруга, којашто патела од психички проблеми.
Ужасот е откриен, откако правосудните органи наредиле претрес на неговата куќа, по дојавата во полицијата од другите синови на двојката. Тие живееле во истото место, но се плашеле од него. Една од снаите на притворениот рекла за полицијата дека тој бил многу насилен и често им се заканувал, дека со секира ќе ги искасапи синот и сопругата.
Сцената на којашто наишла полицијата во куќата била ужасна. Насекаде на подот биле вреќички со фекалии, синџири, брави, јажиња, шприцови и храна за кучиња. Притоа во кафезот направен од тули, дрво и метални шипки, ги терал да дишат издувни гасови.
Мажот веднаш е ставен во притвор и би можел да добие најмалку 15 години затвор за ставање лица во присилно ропство. Меѓутоа, имајќи ги предвид отежителните околности, како што е во прв ред здравствената состојба на жртвите, му се заканува и доживотен затвор, рекол судски извори.
Обвинетиот ги негирал обвиненијата, а ќе биде подвргнат на психијатриско вештачење.
OhridNews
извор:„Макфакс“