Претседателот на Алијанса за Албанците (АА) и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари денеска објави дека ќе биде кандидат за претседател на државата.

Неговата кандидатура, како што рече, е предлог на Претседателството на АА, со поддршка од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП).

Привилегија е да се има доверба од толку многу фактори. Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички туку вистински, рече Таравари на прес-конференција во Гостивар, на која присуствуваат лидерите на трите партии од ЕСП, Изет Меџити на Демократско движење, Африм Гаши на Алтернатива и Билал Касами на Движење Беса.

Најави дека ќе побара поддршка од сите политички партии што сметаат дека тој е човекот што треба да ја предводи државата во следните пет години, како и од невладините организации, а како што рече, пред се, од народот кој е најважен за мене. Ќе се кандидира со доставување на 10.000 потписи, кои очекува да ги собере за два дена.

Предлогот е од пред еден месец, инсистирањето беше од пријатели, другари, истомисленици, седнавме со партиите од опозицијата, сега сме веќе заедничка албанска опозиција, во сабота ќе го официјализираме ова, и дојдовме до констатација дека најдобро би било јас да се кандидирам за претседател. Јас одлучив доцна синоќа да се кандидирам, рече Таравари, наведувајќи и дека ќе продолжи да ја извршува градоначалничката функција, како што посочи, додека не биде избран за претседател.

OhridNews

фото. МИА