На локалитетот Расница кај с.Корошишта, Струшко, неодамна беа окриени преку 100 археолошки артефакти кои датираат од  т.н. доцноархајски период односно 6 век пр.н.е. Меѓу нив бронзен шлем со златни апликации, голем број златни фолии, златен прстен, златен надградник, килибарни монисти, сребрени игли, сребрен кантарос и неколку бронзени садови (каулдрон или котел, поданиптер или бронзен леген и бронзено оинохое), теракотни фигурини и др. Голем дел од артефактите се карактеристични и за далеку попозатата Архајска некропола Требениште која се наоѓа на само 5 км од некрополта во Корошишта.

Археолошки истражувања на некрополата кај Корошишта. Фото: Миле Иловски / НУ Археолошки музеј-Скопје

Се работи за исклучително значајно откритие кое ги потврдува научните согледувања дека некогаш на овие простори живеела развиена цивилизација вели во разговор за Охридњуз археологот Перо Анџарлиев, раководител на проектот за истражување на архајската некропола Корошишта.

Нивното значење е големо не само заради материјалот од кои се изработени или пак високата уметничка изведба на мајсторите кои ги изработиле туку заради фактот дека некои од нив доаѓаат во регионот од далечни региони како килибарот од Балтикот или пак стаклените монисти од Родос или Блискиот исток. Додека останатите артефакти како бронзените и керамичките садови се изработени во најдобрите работилници во тоа време во Јужна Италија или Коринт и Атика. Сето ова покажува за степенот на развој на оваа заедница особено за моќта која ја имала елитата во 6 век п.н.е., истакнува Анџарлиев.

Во некрополата кај Корошишта пронајдени се вредни предмети од 6 век п.н.е. Фото: Миле Иловски / НУ Археолошки музеј-Скопје

Посочува дека откритието е огромно по многу параметри, потенцирајќи дека откриената гробница е со монументални димензии 7м должина и 4.5 м ширина и засега претставува најголема откриена гробница од Архајскиот период на Балканот. Додека според карактерот на наодите, вели, станува јасно дека тука е погребан значаен член на племенската заедница која го населувала регионот во 6 век п.н.е.

Наодите во овие две некрополи, во Корошишта и Требеништа, се многу слични, но има и некои особености по кои се разликуваат и тие во наредниот период ќе бидат научно разработени и соодветно претставени, потенцира археологот Арџанлиев.

Археологот Арџанлиев на местото на истражувањата. Фото: Миле Иловски / НУ Археолошки музеј-Скопје

Анџарлиев истакнува дека во регионот се истражувани неколку некрополи од овој период, меѓу нив и веќе спомената Требенишка која е истражувана во повеќе наврати и од тимови од различни земји во согласност со историските прилики.

Следејќи го историјатот на истражување на некрополата можеме да ја следиме и историјата на Балканот во 20 –тиот век. Ние за оваа некропола организиравме и голема изложба по повод 100 годишнината од нејзиното откривање која е пропратена и со монументално издание-каталог каде се опфатени сите детали за оваа некропола. Друга некропола која е истражувана од Архајскиот период е некрополата кај с. Радолишта истражувана од М.Грбич од Р.Србија во периодот меѓу двете светски војни и во 1950-тите од страна на охридскиот археолог В.Лахтов. Кај соседното село на Корошишта, Делогожда исто така се откриени погребувања од овој период, а истражувањата ги водеше акад. В. Битракова Грозданова во неколку кампањи во периодот 1978-1982 и потоа.

Друго значајно откритие, кое припаѓа на овој Архајски период се погребувањата од лок.Горна Порта, откриено од страна на Паско Кузман, еден од водечките археолози во независна Македонија, потенцира Арџанлиев.

Откриени се два гроба со голем број артефакти кои се карактеристични и за некрополата кај Требениште, а сега и за новооткриената некропола кај с. Корошишта. Сето ова покажува дека овој регион во 6 век п.н.е. бил доста значаен и го населувало население кое не само што имало можност и моќ туку имало и вкус на своите значајни претставници да им овозможи ваков задгробен живот. Во науката сме убедени дека има уште многу нешта да бидат истражени од овој период и  тоа не само некрополите, туку ние како археолози и научници сакаме да ги истражиме и другите аспекти од животот на овие луѓе. Како на пример каде живееле, со какви ресурси располагале, колку била развиена трговијата и како била организирана заедницата. Со оглед на сето ова сметам дека наредните истражувања треба да бидат посериозно поддржани од државата за да може да се употребат најсовремени методи и технологии кои ги имаме на располагање се со цел да стигнеме до научната вистина.

Некрополата во Корошишта. Фото: Миле Иловски / НУ Археолошки музеј-Скопје

Во поглед на тоа  дали соодветно го чуваме културно – историското наследство,  располагаме ли со доволно ресурси, човечки и материјални, современа технологија и сл., Анџарлиев вели секогаш може подобро.

Дел од тимот што работеше на откривање на некрополата кај Корошишта. Фото: Миле Иловски / НУ Археолошки музеј-Скопје

Тоа е моето мото. Така и во чувањето на културното наследство, можеме многу повеќе. За човечки ресурси имаме, но за жал не се на соодветното место т.е.во институциите. Тоа се покажа и на ова истражување каде неколку членови на тимот не се со решен работен статус. Тоа мораме да го надминеме бидејќи опрема можеме да купиме, но човечките ресурси потешко се создаваат. Потоа ни недостасува и современа технологија, но ваквите проекти се можност и тука да се подобриме прво преку соработка со познати институти и лаборатории каде ќе биде обучен и наш кадар, а потоа зошто да не почнеме околу овие луѓе да оформуваме и лаборатории кај нас. Таа е иднината која и ја посакувам на македонската археологија. Како што ние покажавме дека соновите се остваруваат, исто така сите заедно можеме да покажеме дека и ова е остварливо. Се разбира дека како и во нашиот случај и тука ќе треба да се вложи многу труд, посветеност, знаење и секако финансиски средства.

Г.М./Н.С.Ј

Фото:Миле Иловски / НУ Археолошки музеј-Скопје