Охридските стрелци во женска конкуренција имаа успешен почеток на новата сезона, откако на првиот по ред Куп во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма кој се одржа во Скопје на стрелиштето во гимназијата Раде Јовчески-Корчагин ги освоија првите три позиции.
На првото место со нов личен рекорд и недостижен резултат од извонредни 409 кругови се пласираше Мартина Петровска. Втората позиција ја зазеде младата Анастасија Мојсовска со резултат од 395,5 кругови. Петровска и Мојсовска со остварените резултати повторо ја исполнија минималната олимписка норма која изнесува 392 кругови. Охридското трио го комплетираше Јана Маркоска со резултат од 389,3 кругови.
Ова е одличен старт за јуниорките од охридскиот клуб кои се очекува да се најдат на списокот на селекторот Јордан Тасески за јуниорскиот светски Куп во Сул, што треба да се одржи од 22 до 29 јуни оваа година. Нивни учество исто така се очекува и на некој од светските купови во Минхен и Габала.
И останатите јуниорки Мартина Кочовска, Стефани Ефтимовска и Јована Смилеска со свои лични рекорди и резултати од 375,3, 371,2 и 351,4 кругови, се пласираа во десетте најдобри во јуниорска категорија.
OhridNews