Интересот на холандските туристи за посета на Македонија е забележан и на третиот ден од саемското претставување на земјава на „Vakantiebeurs” во Утрехт, Холандија.

Традиционалната поврзаност со Охрид надополнета со збогатена туристичка понуда, гастрономските и културните тури, како и излетите во природа се доволна причина за Холанѓаните да ја одберат Македонија за следна дестинација, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Развојот на туристичките дестинации во земјава, посочуваат од Агенцијата, е поттикнат и од нивната промоција.

За таа цел директорката на АППТ, Билјана Стефаноска оствари средби со холандски туроператори и туристички агенции специјализирани за сегментирани видови туризам кои ќе носат туристи и во помалку познатите делови на Македонија, а кои се доволно атрактивни и богати со традиција, културни и природни богатства, потенцираат од АППТ.

Додаваат дека холандскиот пазар кој е еден од првите и најлојални туристички пазари на Македонија е од значаен интерес за развој на туризмот во нашата држава, а лојалноста Македонија на овој пазар и официјално ја постигна со тоа што успеа да врати по втор или трет пат холандски туристи кои имаат желба да посетат и други делови од земјава, освен најголемите туристички центри.

OhridNews