Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) изработи гастрономска карта и гастрономски водич за традиционални специјалитети, со цел збогатување на туристичката понуда и зголемување на промоцијата на државата. Периодов што следи ќе бидат изработени и видеоматеријали за истата намена, најавуваат од агенцијата.
Илустрираната гастрономска карта има за цел да ги мапира регионите каде има традиционална подготовка на македонски јадења. Идејата е да ги поканиме патниците на гурманска тура низ С. Македонија, да уживаат во регионалните вкусови. Брошурата содржи фотографии и текстови за гастрономијата во Република Северна Македонија, културата за неа, храна или друг пијалак кој оди со рецептот, настани или манифестации поврзани со гастрономијата, велат од АППТ.
Од агенцијата посочуваат дека гастрономскиот водич е во вид на патеписни приказни за вкусовите на Република Северна Македонија, преточени преку приказни за гастрономијата, виното, традицијата, фолклорот и културното наследство во нашата земја.
Рецептите се специфични од аспект на потекло, како се подготвуваат, кој производи се потребни за традиционалниот специјалитет, легенди за одредени локални традиции, информираат од АППТ.
Оттаму известуваат дека, освен во печатено издание брошурата: „Вкусот на мојата земја“ е поставена на веб-страница.
Брошурата содржи локални или регионални традиционални рецепти за одредени јадења од сите осум плански региони, карактеристични за тој регион или локално место од тој регион.
Земјава нуди атрактивна туристичка понуда, од езерски до планински туризам, еко и рурални туристички аранжмани, а за сите љубители на активните форми на туризам има адреналински тури. За сите гурмани и ено-гастро концептот како туристичка понуда има што да овозможи, за да се вкусат најдобрите вина и да се пробаат највкусните традиционални рецепти приготвени секогаш од свежи продукти, соопштуваат од АППТ.
OhridNews