Американскиот технолошки гигант Apple го претстави новиот модел на паметниот телефон iPhone 7, а лавната новина е што овој е водоотпорен па корисниците повеќе нема да мора да стравуваат од тоа дека телефонот ќе им падне во школката во тоалетот или во мијалникот, а истовремено беше претставен и новиот модел на паметниот часовник, пренесува „Макфакс“.

Моделите IPhone 7 и iPhone 7 Plus на платформата iOS 10 се претставени од првиот човек на Apple, Тим Кук како замена за iPhone 6s i iPhone 6s Plus. „Ова е најдобриот iPhone којшто го направивме“, рече Кук пред илјадниците претставници на телекомуникациската индустрија и новинари

Двата модела се направени во тело од алуминиум во „црна како јаглен“ боја, сребрена, златна и розова. Покрај тоа што е водоотпорен, овој модел доби напредна 12-мегапикселна камера на задниот и на предниот панел. iPhone 7 Plus има две камери на задниот панел со резолуција од 12 мегапиксели.

„Седумката“ има екран од 11,9 сантиметри во дијагонала, додека „Седумката плус“ има екран од 14 сантиметри и „home“ типка чувствителна на притисок.

На овие уреди, исто така, е обновен системот за слушање музика, имено овие нови паметни телефони го немаат вообичаениот 3,5 милиметарски влез за слушалки. За подобрување на квалитетот на звукот, компанијата вгради во уредот дигитално поврзување на слушалките, преку конектор за полнење или безжичната Bluetooth технологија. Комплетот, сепак, ќе содржи адаптер за користење стандардни слушалки.

Новите модел на уредот на технолошките портали не се оценуваат како фундаментално различни од моделот лансиран во 2014 година. Двата нови модела се надградени со зголемен обем на внатрешна меморија од 32, 128 и 256 гигабајти и помоќна батерија. Се истакнува дека телефоните со новите батерии ќе работат еден час подолго отколку моделот Phone 6S и два часа повеќе отколку кај iPhone 6.

Цените на iPhone 7 се од 649 долари нагоре. Порачките за новите уреди ќе се примаат од петокот 9-ти септември, а испораките ќе започнат од 16-ти септември во 28 земји, САД, неколку европски земји, како и во Кина, Сингапур, Обединетите Арапски Емирати. Една седмица подоцна уредите ќе се испорачуваат уште во 30 држава, претежно во земјите од источна Европа.

На презентацијата на новите уреди на Apple којашто се одржа во салта „Bill Graham Auditorium“ а којашто беше директно пренесувана на официјалниот веб-сајт, Тим Кук ги претстави и новите безжични слушалки и новиот паметен часовник.

Часовникот Apple Watch 2, исто така, сега е водоотпорен и издржува притисок до длабочина од 50 метри, а работи на платформата Watch OS3. Доби и нови функции, меѓу кои и вграден систем за навигација GPS, можност за итен повик до службата 911 за помош, како и нова апликација специјална за часовникот – Pokemon Go.

Јапонската компанија Nintendo паралелно објави дека ќе објави верзии на своите игри за iPhone, почнувајќи од Super Mario. Претходно компанијата ги продаваше своите игри само на конзоли.

Часовници се достапни во тела од алуминиум, не’рѓосувачки челик, како и во новиот материјал – керамика, како и спортска верзија, презентирани во соработка со Nike. Моделот, развиен во соработка со брендот Hermes, и натаму останува во оваа линија.

Apple Watch 2 има и побрз процесор од претходникот, како и потрајна батерија.

OhridNews
извор: „Макфакс“