Народот на овие избори има избор од три платформи и меѓу овие три платформи ќе се кршат копјата, изјави вечерва пред народниот собир што се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Првата платформа е веќе познатата Тиранска платформа. Таму нема разлика дали се Европски фронт, ДУИ, Вреди, тоа се иста матрица, необалистичка матрица, која води кон разградување на државата. Втората платформа е Софиска платформа која ја поддржуваат македонските буржујски партии: СДС и ДПМНЕ. Едните ја поддржуваат отворено, другите латентно. И нашите информации говорат дека во првите 100 до 200 дена тие се веќе договорени да ги внесат Бугарите во устав. И третата е нашата платформа, онаа која ја застапува Левица, а тоа е Македонска платформа во 5 точки со цел конечно да запре уценувањето при составување влада од страна на албанското малцинство. Тоа се изборите на овие избори. Влегуваме во фото финиш на кампањата. Очекуваме да го дуплираме минимум резултатот од претседателските избори затоа што така поддржавме независна кандидатка и тоа беше резултат кој беше очекуван. Но, сега доаѓаат нашите главни избори на 8-ми мај и на 9-ти мај ќе славиме од 8-12 пратеници. Тоа се нашите реални очекувања, потенцираше Апасиев.

Носителот на Изборна единица 5 и генерален секретар на партијата, Јована Мојсоска, истакна дека на овие избори веќе сме сведоци на најавената пасокизација која, како што посочи, првично Левица ја предочи.

Самиот влез во Парламент на нашите двајца пратеници покажа како треба да се води една вистинска левичарска опција, за разлика од Социјалдемократите кои видовме во изминатиот мандат како ги продадоа сите Асномски идеали. Токму тука охриѓани беа сведоци кога се отвораше фашистичкиот клуб „Цар Борис III“ на кој Левица повика на масовен протест на кој охриѓани и се придружија. Затоа на овие резултати видовме фијаско на Социјалдемократите, зошто тие ги изневерија сите Асномски идеали врз кои почива Републиката. Сега кога е извесен колапсот на СДС и ДУИ тука од Охрид сакам да порачам дека ние имаме една реална коалиција каде се уште еден исти лик владее во Охрид, тоа е Нефи Усеини. Во минатото сведочевме и единствено Левица реагираше на дивоградбата на Усеини, кога повторно беше рушена таблата на АСНОМ и за жал и тогаш единствено Левица реагираше и ниту еден друг од политичките наши опоненти, ниту од СДС, ниту од ДПМНЕ ден денес нема никва реакција за отстранетата плоча од страна на Усеини. Првото нешто што ние ќе направиме е да ја вратиме таа плоча затоа што конечно Охрид треба да се ослободи од канџите на еден узурпатор кој е заштитен од секоја партија ва власт, додаде Мојсоска.

На народниот собир во Охрид присуствуваа бројни челнови на огранокот на партијата во Охрид, како и симпатизери и поддржувачи.

Левица завршниот митинг ќе го одржи на 6 мај во Скопје.

Народен собир на Левица во Охрид за претстојните парламентарни избори

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски