Досегашниот потпретседател на Европскиот парламент, Антониот Тајани од Европската народна партија (EPP) е новиот претседател на Европскиот парламент, откако победи во четвртиот и решавачкиот круг од гласањето синоќа со поддршка од 351 пратеник, додека неговиот конкурент социјалдемократот Џани Питела (S&D) освои 282 гласови и 80 воздржани од 751 пратеник, јавува „Макфакс“.

Сега со Антони Тајани на чело на Европскиот парламент, Жан-Клод Јункер на Европската комисија и Доналд Туск на Европскиот совет, Европската народна партија (EPP), всушност во целост ќе раководи со Брисел, како и американските републиканци по инаугурацијата на Доналд Трамп во петок кои суверено ќе владеат во Вашинтон, имајќи го мнозинството Претставничкиот дом и во Сенатот, и новиот станар на Белата куќа.

Генералните оцени во Стразбур се дека изборот на Тајани бил гарантиран оној момент кога се договорија челникот на ЕРР, Манферд Вебер, и лидерот на Сојузот на либералите и демократите за Европа (ALDE), поранешниот белгиски премиер, Ги Вергофштад, кој ја повлече својата кандидатура во полза на новата коалиција.

Вебер беше потполно уверен во победата, а за медиумите изјави дека нивниот пристап секогаш бил „да се градат мостови и склучуваат партнерства“. „За жал, Питела и другите сакаа борба, сакаа да се одвојат и да создадат поделби“, рече Вебер.

Во договорот на EPP и либералите, коешто предизвика негодување на социјалдемократите, се истакнува дека „Европа е во криза, и е важно заеднички да се работи за да се спречи деструктивното дејствување на националистите и популистите“.

„Националистите и популистите од сите бои се трудат да ја уништат Унијата однатре и однадвор (…), оттаму EPP и ALDE, и покрај своите разлики, одлучивме заедно тесно да работиме и да понудиме платформа како почетна точка на оваа проевропска соработка. Ги повикуваме сите други проевропски сили во парламентот да се придружат на иницијативата и да ги додадат своите идеи и приоритети на нашата реформска агенда“, го објасни својот потег за коалицирање Верхофштад.

„Со новиот американски претседател Доналд Трампи и рускиот претседател Владимир Путин и другите предизвици во Европа, клучно е да соработуваме на реформирање на Унијата“, порача поранешниот белгиски премиер.

Во Стразбур беше кажано дека четирите теми околу кои се согласиле двете групи се: иднината на Европската унија која е разнишана но не и загрозена, вработувањето и трговскиот раст, трговските договори Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство (TTIP) меѓу Европската унија и САД и договорот за слободна трговија на Европската унија со Канада, односно Сеопфатниот економски и трговски договор (Comprehensive Economic and Trade Agreement – CETА), безбедноста и одбранбената политиак.

Овие избори во ЕП ги одбележи крајот на коалицијата меѓу EPP и S&D околу поделбата на челните должности во Европската унија, чие раскинување го објави Питела порачувајќи во неговиот говор при претставувањето на кандидатурата дека „ние потребна јасност“, како и повлекувањето на кандидатурата на челникот на либералите Ги Вергофтшад и неговиот сојуз со „народњаците“. „Европа и нашата демократија имаат потреба под јасна поделба меѓу идеите“, изјави во вторникот Питела.

Антонио Тајани, поранешен офицер на италијанското воено воздухопловство и новинар на јавниот телевизиски сервис RAI и дневниот весник Il Giornale, вети претходно дека доколку стане претседател на ЕП „ќе го смени темпото“. Овој 63-годишник четирипати е избиран за пратеник во ЕП. Беше шеф на пратеничката грипа на партијата на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони Напред Италија (Forza Italia) во ЕП о д1999 до 2008 година, а потоа беше комесар за транспорт, индустрија и претприемништво. Многумина и денес му забележуваат дека како комесар малку сторил за спречување на сандалот позната како „Дизелгејт“. Станува збор за скандалот од 2015 година со германскиот произведувач на автомобили „Volkswagen“ околу лажирањето на податоците за емисијата на штетните гасови во возилата со дизел мотори, што го откри Американската агенција за екологија.

Тајани го наследува на должноста социјалдемократот Мартин Шулц, кој се повлече за да учествува на германските парламентарни избори оваа есен.

OhridNews
извор: „Макфакс“