Вчера, на 14-ти мај, носителот на листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија за изборната единица бр. 5, г-дин Антонио Милошоски, ја посети Општина Дебарца. Г-дин Милошоски оствари едночасовни средби со граѓаните на Требеништа и Мешеишта при што накратко ја представи програмата “Преродба во 100 чекори“ а подолго време одговораше на прашањата на насобраните граѓани.


Милошоски истакна дека владата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш може да ги погледне луѓето в очи затоа што работеше деноноќно за да ја придвижи државата напред во секој поглед – во економијата, земјоделието, здравството.


Ставот на владата во однос на преговорите за името е јасен – во никој случај овие преговори не смеат да го нарушат националниот идентитет, македонската нација и македонскиот јазик. Нема да се дозволи било какво решение и било каков компромис за спорот наметнат од Грција да биде прифатен од поединци политичари, влада или парламент без претходно изјаснување на граѓаните на референдум. Г-дин Милошоски истакна дека помина времето на политичари од типот на Тито Петковски чија што единствена умешност последниве 18 години е како секогаш да останат на власт и дека граѓаните очекуваат посветеност, работа и резултати.


Г-дин Милошоски очекува голема излезност на изборите на 1-јуни и најдобри резултати досега за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, резултати кои што ќе и овозможат на новата влада ефикасна работа за доброто на сите.

ОК ВМРО ДПМНЕ