Перфектните подготовки, трите победи во Тиват против црногорски и хрватски екипи и минатогодишните резултати и престави во Втората лига со право влеваат голема надеж меѓу охридските кошаркари пред почетокот на сезоната во Првата лига.
„Галебите“ во елитата ќе дебитираат, но тоа за нив е мотив повеќе бидејќи ќе имаат можност да играат со екипи со богато реноме во македонската кошарка.
– Сите во клубот со нетрпение го чекаме почетокот на новата сезона и можноста да играме со екипи кои имаат кошаркарско педигре. До сега добро одработените подготовки, резултатите и атмосферата во екипата ни влеваат голема самодоверба и надеж за нешто повеќе во дебитанската сезона. Фактот дека сме дебитанти не значи ништо, бидејќи тимот е составен од млади играчи желни за игра, искусни кошаркари кои знаат во секој момент што да направат и стручен штаб кој до детал го анализираат противникот. – рече Антонио Донески.
Кошаркарскиот клуб АВ Охрид го задржа костурот од минатата сезона, а доведе и неколку засилувања во екипата за што подобра престава во кошаркарска елита.
Михаил Постоловски