Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поведе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на градоначалникот на Општина Охрид Александар Петрески,  соопшти денеска на прес-конференција претседателката на Комисијата Мирјана Димовска.

Антикорупциската комисија на 15 јули до Основното јавно обвинителство поднело иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на Петрески врз основа на Законот за спречување на корупцијата поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на положба и овластување.

Според Антикорупциска, Петрески ги пречекорил границите на своите службени овластувања со тоа што не ги почитувал и не постапил по дадените препораки по извршената ревизија за јавните набавки за 2006 и за 2007 година од страна на внатрешниот ревизор на општина Охрид и не  направил корекции, со што го прекршил Законот за јавни набавки.

– Препораките се однесуваат на неизвршени задолжителни законски обврски на општината и на градоначалникот во однос на водењето регистар на постапката за јавни набавки, изготвување план за јавни набавки, донесување интерен акт за регулирање постапка за јавни набавки и ангажирање соодветно стручно лице – координатор за спроведување на законските обврски во процесот на јавните набавки, изјави Димовска.

Ohridnews