Дел од членовите на Советот на Општина Охрид  и еден судија од охридскиот Основен суд, ќе треба да платат казни од 1000 до 3000 евра, затоа што не поднеле Изјава за судир на итереси. Ова вчера го соопшти Државната Комисија за спречување на корупција, која  најави дека покрај изречените парични казни, ќе поднесе и прекршочни пријави за неисполнување на оваа законска обврска.

-Со оглед на тоа дека веќе е истечен рокот за доставување на Изјава за судир на интереси, а имајќи во предвид дека станува збор за нова законска обврска, ДКСК ќе поднесе прекршочни пријави против оние службени лица кои не ја исполниле истата, изјави претседателот на Антикорупциска комисија, Илми Селами.

Според информациите на Антикорупциска, кои беа изнесени на вчерашната прес-конференција  во Скопје, вкупно 26 судии од цела Македонија, не поднеле Изјава за интереси до комисијата. Единствен од охриските судии, кој не ја исполнил оваа обврска е судијата Иво Поповски.

Охрид беше набројан и во листата на општини, во кои што сите советници немаат поднесено Изјава за судир на интереси. Но поради тоа што на ниво на Македонија има вкупно 569 општински советници, кои не дале ваква изјава, не можевме да дојдеме до точна информација -Кои се охридските советници кои ќе заработат прекршочни пријави? 

Изјава за интереси, во смисла на Законот за спречување судир на интереси, е изјава на службеното лице која содржи податоци за неговите лични и приватни интереси во вршењето на неговите овластувања и должности. Тоа се податоци за личните ангажмани од секаков вид и обем на службеното лице како и ангажманите на неговите блиски лица. Ваквата изјава и служи на Државната комисија при постапувањето по предмети од областа на судир на интереси како алатка за брзо добивање на информации со што веќе значително се скратува времето на постапување од страна на Државната комисија по предметите од областа судир на интереси.

OhridNews