Претседателот на Државната комисија за спречување на корупција Илми Селами рече дека откако ќе ги добијат и разгледаат, ќе се произнесат за истите.
Претходно од Кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов ги потврдија информациите за кои пишуваше Макфакс, а кои се однесуваа на трошењето за ПР стратегија во времето кога функцијата претседател на државата ја вршеше Бранко Црвенковски.
Повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и по досегашната проверка на документацијата која постои во архивата, Кабинетот на Иванов соопшти дека кога Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата, има склучено договори за соработка, обезбедување на развој и истражување со 3 лица од Република Словенија кои се предмет на актуелниот интерес во јавноста.
„Договорите во име на Кабинетот на претседателот на Република Македонија кога Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата, се потпишани од страна на тогашниот Генерален секретар на Кабинетот. Согласно постоечките договори за ангажманот на консултантите од Р. Словенија, од буџетот на Претседателот на Република Македонија се исплатени финансиски средства во висина од 20.764.057 денари , односно вкупна сума од 340.394 евра, пресметано согласно средниот курс на Народната банка на Република Македонија“, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
На првиот консултант од Република Словенија му се исплатени 8.305.626 денари, односно 136.157 (сто и триесет и шест илјади и сто педесет и седум) евра, на вториот консултант од Република Словенија му се исплатени 5.149.482 денари, односно 84.417 евра и на третиот консултант од Република Словенија му се исплатени 7.308.949 денари, односно 119.818 евра.
извор:„Мкафакс“