– Во текот на 9 месеци од 2007 година, целата 2008 година и 4 месеци од 2009 година, без спроведување на постапка за јавна набавка, од неговиот кабинет биле ангажирани три консултанти од Република Словенија за што редовно се обезбедени и им се исплатени средствата предвидени во договорите за соработка склучени помеѓу кабинетот на претседателот и тројцата консултанти. Тврдењата дека за набавка на услуги од ваков тип не се применува Законот за јавни набавки не држат бидејќи законските решенија кои предвидуваат исклучоци во примената на Законот за јавни набавки важат само за случаи кога таквата услуга, во земјата или странство, може само еден субјект/давател на услугата да ја пружи. Во состојба кога во земјата или странство има доволно консултантски куќи кои пружат ваков вид на услуги, кабинетот на претседателот бил обврзан да распише редовна законска постапка за јавна набавка.-стои во образложението на Антикорупциската комисија.
Според Комисијата ангажирањето на тројцата консултанти се вршело без утврдени критериуми, а критериуми не биле утврдени ниту за висината на средствата кои биле потребни за исплата на ангажираните консултанти.
– Од расположливата документација се констатира дека не постои некаков евалуационен документ со кој би се докажала оправданоста на исплатените средства за сработеното. Не може да се утврди дали и колку кабинетот бил задоволен од работата и сработеното од страна на консултантите.-се вели во образложението.
Поранешниот претседател и актуелен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, смета дека одлуката на Антикорупциска е конструкција на власта и дека седницата на која се донела одлуката тој да биде кривично гонет била одржана со многу преседани.
Аферата „Надеж“ беше лансирана на интернет сајтот You tube, по што информациите ги потврди кабинетот на актуелниот претседател кој во јавност ги обелодени трошењата на неговиот претходник за PR услуги.