Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека фирма на советник или негови блиски, не може да учествува на општински тендер.

Ставот на Антикорупциска доаѓа информациите дека фирмата на советникот Нефи Усеини е една од двете пријавени на тендерот за уривање на дивоградбите во Охрид, како и дека истата учествувала и на други тендери.

Државната комисија за спречување на корупцијата смета за потребно да укаже на ограничувањата кои се однесуваат на службените лица во соработка со правни лица, што се во нивна сопственост или во сопственост на нивни блиски лица, а во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку не се почитуваат тие ограничувања.
Ова од причини што, во член 51 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е предвидено следното:

„Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.

Имено, фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини, или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на совет. Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи. – сооптшти Државната комисија за спречување на корупцијата.

OhridNews

Две фирми се пријавиле на тендерот за уривање на дивоградбите во Охрид!