Македонскиот интернационалец Перо Антиќ по две години минати во НБА лигата одлучи да се врати во Европа и да го засили турскиот Фенербхаче.
Антиќ, две сезони повеќе од одлично ги бранеше боите на тимот на Атланта Хоукс со кој минатата сезона успеа да стигне до првото место во источната конференција во регуларниот дел од сезоната.
– Две години бев одвоен од мојата фамилија и моите најблиски што вистина е долг период. Немам лоши зборови за искуството во НБА лигата каде играат најдобрите кошаркари. Таму станав уште поголем човек и видов како функционира еден нормален спортски свет. – рече Антиќ за хрватскиот медиум „Јутарњи лист“.
Авантурата на првиот Македонец преку барата ќе се памети по учеството со својот соиграч Табо Сефолоша во клинч со полицијата кој заврши со притвор за двајцата кошаркари на Атланта.
– Тогаш се најдовме на погрешно место во погрешно време со мојот соиграч. Табо излезе од колата да му даде 20 долари на едно мало дете, а тогаш полицијата силно го турна и тој падна на земја. Излегов да видам што се случува, а тогаш сите полицијаци кои беа белци го туркаа Табо кој има црн тен на кожата. Не сакав да го оставам сам па и мене приведоа, а тој заврши со скршеница на ногата. Случајот целосно се расчисти, но еве до сега не добивме никакво објаснување што точно се случи вечерта. – потенцираше Антиќ.
Поранешниот репрезентативец на Македонија откри дека немал топол пречек од играчите на стартот од авантурата во НБА лигата, но се средило добро кога Антиќ им покажал кој е кој во соблекувалната.
Антиќ веќе дебитираше за новиот клуб Фенербахче и успеа да запише „дабл дабл“ учинок во дебито против тимот на Дарушфака.
Ohridnews