Македонскиот интернационалец во НБА лигата, Перо Антиќ не се предомисли и стави точка на шпекулациите дека ќе се врати во националниот состав.

– Кошаркарите ќе ги бодрам од трибините. Имав неколку повреди во НБА лигата и клупските доктори ме советуваа да одмарам и да не заморувам премногу. Морам да посветам време и на фамилијата од која бев одвоен цела година – рече Антиќ.

Македонската кошаркарска репрезентација во квалификациска група за Европското првенство 2015 година се наоѓа со Белорусија, Белгија и Данска.

– Треба да го смениме нашиот менталитет и да не се плашиме дали ќе ги минеме квалификациите. Исто така треба да се надоградуваме. Сега е времето на помладите кои треба да го понесат товарот во селекцијата, а има доста квалитетни кошаркари – додаде Антиќ.

Дел од подготовките македонската кошаркарска селекција ќе ги мине во Охрид каде ќе одигра три контролни натпревари со Австрија, Романија и Грузија.

Мх.П.