Првиот Македонец кој се појавил на паркетите на најсилната кошаркарска лига во светот, Перо Антиќ размислува да остане уште една сезона во НБА лигата, иако, како што вели во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, не ја исклучува можноста да се врати во Европа.

Играчот на Атланта Хокс, иако по Еуробаскетот во Словенија, најави повлекување од репрезентативниот дрес, се наоѓа во плановите на новиот селектор Алесандар Џикиќ за наредните кампањи на националниот тим.

„Мислам дека 99% не би можел да ме предомисли поради тоа што и оваа сезона имав проблем со повредите.  Како прво, со стапалото.  Имав и операција. Иако мала фрактура, незначителна, но сепак и тоа е повреда.  Сакам да го одморам телото. Соиграчите од репрезентацијата ќе ме имаат како поддршка на трибините, на тренинзите, но многу потешко е дека ќе учествувам на натпреварите“, рекол Антиќ.

Македонецот е задоволен од својата деби сезона во НБА лигата и дека во тоа многу му помогнале тренерот Мајк Баденхолзер и соиграчите. По повредата на ѕвездата на тимот, Ал Хорфорд, Перо Антиќ се наметна во првата петторка и речиси секој натпревар го завршува со двоцифрен број на поени.

Добрите игри кои ги прикажа на почетокот од годината му го донесоа и повикот за настап на „Ол-стар“ натпреварот, на кој не учествуваше поради повреда на стапалото.

„ Никој не очекуваше дека со 31-на година ќе бидам на тој `ол-стар` меч.  По повредата, и довербата што ја добив од тренерот, одиграв супер цел месец и мислам дека заслужено ја добив поканата од тренерите и гласовите да учествувам на тој натпревар. Штета што поради повредата не играв, но сепак ме повикаа да бидам дел од тимот“, дополни Антиќ.

„Макфакс“