Непрописно пропишување на антибиотици без претходни дополнителни анализи во 56% од сите случаи со респираторни проблеми, покажува истражувањето на  Здружението на специјалисти по семејна медицина при Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје кои беа презентирани денеска во Охрид.

Истражувањето било спроведено минатата година во месец ноември и опфаќа 107 доктори од примарната заштита и 4569 пациенти со епизоди на акутна респираторна инфекција кои побарале консултација со својот избран доктор.

-Ова истражување ни покажува дека треба да се направи уште многу во поглед на едукација на населението и докторите, но одредени активности да се преземат и од клучните институции како што е Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Кај 15% од случаите се направени дополнителни испитувања, но за жал анализите кои би можеле да помогнат во донесувањето на одлуката не се на листата на услуги што ги нуди Фондот, што значи дека пациентите ги сносат трошоците. Пациентите бараат рано помош бидејќи се плашат од компликации, а само во 5,1% од случаите од докторите пропишале антибиотик на инсистирање на пациентите, смета Радмила Ристовска претседател на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група.

Респираторните инфекции се една од најчестите причини за посета на докторот. Речиси 90% од сите случаи се предизвикани од вирус каде не е потребна антибиотска терапија. Истражувањето покажува дека најчести симптоми за кои пациентите сакаат да се консултираат со својот доктор се, кашлица, покачена температура, проблеми со носот и грлото. Просечното траење на симптомите е речиси 4 дена. Потребна е едукација на пациентите за овие најчести симптоми и како да се справат сами со нив. Најмногу антибиотици се пропишани за болка при голтање и покачена температура.

Во светот има зголемен тренд на намалено пропишување на антибиотици. Со организирани кампањи намален е процентот за користење на антибиотици во Данска 32%, Шведска 37%, Холандија 34%, Норвешка 27%, Шпанија 20%. Трендот во овие земји продолжува со наметнување на построги критериуми за пропишување на антибиотици што налагаат и извршување на дополнителни анализи. Земјите со висок степен на употреба на антибиотици, како што е Македонија, имаат повисок степен на резистенција. Тоа пак доведува до зголемена смртност предизвикана од резистентни соеви, продолжено болничко лекување, потенцирање на штетноста на лековите кое се должи на несакани ефекти, како и пораст на трошоците за лекување.

Препораките од истражувањето се дека треба да се прошири листата на услуги за Фондот за изведување на дополнителни анализи кои во моментов се на трошок на пациентот. Во исто време да се продолжи со едукација на населението и на медицинските лица за рационално користење на антибиотици. Да се зголеми комуникацијата на оваа тема и меѓу стручната јавност, но и кај населението.

OhridNews