Американската агенција за храна и лекови (FDA) издаде соопштение дека популарниот антибиотик азитромицин, кој се препишува и во земјите во регионов а се наоѓа и во македонските аптеки, може да предизвика потенцијално фатално пореметување на срцевиот ритам кај некои пациенти, јавува „Макфакс“.
Американската агенција за храна и лекови (FDA) објави дека ова предупредување е резултат на анализата на научните забелешки, како и истражувањата на произведувачите на лекот со коишто е проценет потенцијалот на азитромицинот за предизвикување абнормалности во електричната активност на срцето.
Според истражувањето чиишто резултати се објавени во реномираниот специјализиран магазин New England Journal of Medicine, спореден е ризикот од кардиоваскуларна смрт на пациентите кои земале азитромицин во однос на пациентите коишто земале други антибиотици вклучувајќи и амоксицилин. Утврдено е дека пациентите кои употребувале азитромицин имаат зачестени фатални пореметувања на срцевиот ритам.
Во предупредувањето FDA наведува дека лекот може да ја измени електричната активност на срцето, што може да доведе до потенцијално фатално пореметување на ритамот или попознато како продолжување на QT интервалот.
Американската FDА им препорачува дополнителна претпазливост на лекарите при препишувањето на овој антибиотик на пациентите кои се изложени на зголемен ризик, како што се оние со ниски нивоа на калиум или магнезиум, забавен ритам на срцето, на лица кои земаат лекови за пореметување на срцевиот рита, односно аритмија.
Антибиотикот азитромицин може да предизвика проблеми и кај лица со по нивниот живот опасниот облик на вентрикуларна тахикардија кој се нарекува и torsades de pointes.
Американската агенција за контрола на храната и лековите додава дека и другите антибиотици од групата макролиди можат да предизвикаат продолжување на QT интервалот, како и немакролидните антибиотици како што е флуорокинолон-от.
извор:“Макфакс“