Македонските студенти во Словенија, денеска одржаа мирен протест во Љубљана, во знак на поддршка на македонските граѓани кои исто така денеска, се собраа на протест пред владата на Република Македонија. Протестот на македонските студенти го проследија словенечките медиуми, кои известуваа како за овој, така и за собирот во Скопје.
-Се собравме да ја изразиме нашата поддршка до народот во Македонија за подобро утре, на мирен, непартиски и мултиетнички протест, заедно со нашите пријатели Словенци и други, со повик за враќање на демократијата и изгубените вредности како и човечките слободи и правда. – изјави за OhridNews учесник на протестот во Љубљана.
За нашите студенти во Словенија спорен е демократскиот капацитет на македонските политичари. Во тој контекст тие укажуваат дека политичарите во Словенија се исклучително чувствителни на критиките на јавноста во случај на грешка или поврзаност со одредена афера. Тие го посочија примерот од пред два месеца кога министерката за образование во владата на Словенија си поднесе одставка поради сомневања дека нејзиниот магистерскиот труд не бил во целост подготвен од неа.
Протести во знак на поддршка на граѓанскиот собир денеска се одржаа и во Лондон.
OhridNews