Музичкиот барок како најзначајна епоха во развојот на музичката уметност вчеравечер на „Охридско лето“ го донесоа членовите на ансамблот „Маре Нострум“ кои настапија во рамките на традиционалната Италијанска вечер на фестивалот.

Под диригентската палка на маестро Андреа Де Карло, настапија сопранот Џулија Болкато, контратенорот Данило Пасторе, баритонот Масаши Томосуги и тенорот Анџело Тестори. Публиката уживаше и во маестралната изведба на Маргерита Буратини на харфа, Џулио Фалцоне на теорбо, Томас Чигиони на виолончело, Серена Сегетини на виола да гамба и Амлето Матеучи на контрабас.

Фестивалот „Охридско лето“ ја организира Италијанската вечер со поддршка на Амбасадата на Италија во земјава и Италијанскиот културен институт во Белград. Амбасадорот Андреа Силвестри кој четврта година по ред ја отвора Италијанската вечер на „Охридско лето“ во магичниот византиски амбиент на црквата „Света Софија“ рече дека ова е можеби неговиот последен говор на фестивалот како амбасадор на Италија, но увери дека ќе ги задржи спомените, и како што кажа, магичните моменти доживеани токму на „Охридско лето“.

Горд сум што придонесов заедно со мојата Амбасада за концертите на многу реномирани италијански уметници. И вечерва, таа традиција на извонредност ќе продолжи, благодарение и на напорите на Италијанскиот културен институт во Белград бидејќи ќе имаме задоволство да уживаме во изведбата на уникатниот италијански ансамбл „Маре Нострум“ под диригентската палка на маестро Андреа Де Карло. Ансамблот „Маре Нострум“ е еден од најоригиналните и најизненадувачките барокни ансамбли, веќе референца на римската барокна музика и особено на делата на големиот композитор Алесандро Страдела, истакна амбасадорот Силвестри.

Ансамблот „Маре Нострум“ основан во Рим од страна на диригентот и уметнички раководител Андреа де Карло важи за еден од најоригиналните и изненадувачки барокни ансамбли кои се посветени на изведбата на „стара“ музика со особен афинитет кон музиката од италијанските композитори, особено на оперите на Алесандро Страдела.

OhridNews