Она што се случува во приказните или филмовите, во Брауншвајг, град во покраината Долна Саксонија е чиста реалност. Анонимно лице подарило веќе 180 илјади евра, односно на најмалку 18 адреси испратило по 10 илјади евра. Досега секогаш стигнувале суми од по десет илјади евра и тоа на адреси на училишта, засолништа, градинки и слично. Сега целиот град расправал за тоа кој би можел да биде „добриот дух“, и дали станува збор за маж или жена, верник или неверник, даночен обврзник или перач на пари, или пак е во прашање, како што го нарекле медиумите, некој нов Робин Худ кој зема од богатите и им дава на сиромашните.


Пред неколку дена директорката на една детска градинка кога го добила ковертот со 20 банкноти од по 500 евра помислила дека е шега и прокоментирала дека парите изгледаат како вистински. Иако минало извесно време таа сеуште не знае од каде стигнала помошта, а приказната се проширила и надвор од градот со 250 илјади жители, кој е град на културата, науката и индустријата. За прв пат уште на крајот од минатата година една хуманитарна организација добила 20 виолетови банкноти, или точно десет илјади евра.