Градоначалниците на Охрид и Струга, Александар Петрески и Рамиз Мерко се најдарежливите градоначалници во Македонија. Тие во анкетните листови за состојбата на имотот навеле дека имаат позајмено поголема сума пари.
Градоначалникот на Охрид дал на заем 40.000 евра и 10.000 американски долари.Мерко пак е уште подарежлив. Тој со сопругата дал на заем 130.000 евра.
Александар Петрески како свој личен имот има пријавено куќа вредна 32.520 евра, автомобил “тико” и БМВ вредно 10.000 евра. На име на родителите пријавил куќа вредна 150.000 евра и викендичка во Струга, која чини 25.000 евра. Поседува три девизни штедни книшки со вкупно 12.300 евра и 3.000 долари.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, има пријавено куќа вредна 200.000 евра, земјоделско земјиште проценето на 80.000 евра, шума во Радожда 20.000 евра и градежно земјиште 25.000 евра. На име на сопругата има пријавено деловен простор од 20.000 евра. Вози мерцедес од 8000 евра, а поседува и камион. На штедна книшка има 200.000 денари, а во готово поседува 4 милиони денари.
Најбогат е градоначалникот на Кичево кој само во акции поседува 750.000 евра.
Горан Момироски