Одложувањето на  свечената седница на која требаше да бидат доделени највисоките општински признија за 2009 година, претставува голема навреда и лична девалвација сметаат добитниците на Свети Климентовите награди и повелби.

Неодржувањето на свечената академија  по повод патрониот празник на градот Охрид „Свети Климент Охридски“ е срамен чин, јасен пример како Локалната самоуправа ги прекршува демократските одлуки на Комисијата за доделување награди и признанија, вели еден од тројцата годинешни лауреати на Светиклиментовата награда за животно дело, пратеникот Цветко Грозданов.

Горд сум на делата што сум ги постигнал, чест ми е што сум меѓу оние кои ги исполнуваат критериумите за добивање на наградата. Можам слободно да кажам дека наградите, повелбите, признанијата минуваат, делата се тие што остануваат, истакна Грозданов. Според него образложението на претседателот на Советот за одложување на свеченета седница не држи затоа што, како што рече,  за нејзино одржување не е потребен кворум, поради што тој побара Јаковчески да си поднесе оставка.

Според Грозданов наградата на добитниците не може да им се одземе бидејќи е доделена. Пратеникот смета дека хаосот кој настана околу Свети Климентовите признанија се должи на неспособноста на СДСМ која, како што рече „не бира средства да го елиминира противникот што повлече оставки во комисијата за доделување награди и признанија и неодржување на свечената седница“.


Цветко Грозданов

Архитектот Димитар Зарчев, кој исто така е добитник на Наградата за животно дело, со многу забелешки по однос самата процедура на доделувањето на наградите, но и по сите работи што следеа потоа.

Бидејќи се работи за распишан конкурс, право да се пријави има секој кој смета дека е заслужен за да добие награда. Доколку Комисијата за наградите имала забелешки на апликациите, требало да се произнесе навремено, пред почетокот на седницата, со што ќе се спречеше прославата да биде деградирана, рече Зарчев, додавајќи оти не му доликува на Охрид на овој начин да го прославува патронот.


Димитар Зарчев

Тој укажа на големите пропусти по однос самата процедура, бидејќи ниту бил известен дека е добитник на награда, ниту бил повикан на свечената седница и се уште не знае дали воопшто е добитник на наградата. Затоа, смета Зарчев, случајот треба да се расветли до крај, за да не се валкаат имињата на добитниците на признанијата.

– До денешен ден јас не добив никакво известување дека сум добитник на награда, а цел Охрид и цела Македонија беше известена дека Зарчев, во случајов, е добитник на Свети Климентовата награда. Оттука бидејќи се усложни целата постапка сметам дека Советот треба да одржи седница и да испита зошто дојде до ваква состојба. Доколку има некакви виновници и манипуланти да се формира анкетна комисија од страна на Советот па да се види дали целата работа е спроведена според критериумите или по некакви лични или  не знам какви други определби кои во секој случај не претставуваат гордост за овој град, истакна Зарчев.


Според Зарчев пропустите кои доведоа до една непријатна ситуација делумно се должат и на составот на Комисијата за доделување на награди и признанија која е составена исклучиво од партиски претставници – членови на Советот.

– Не знам дали по статут треба сите членови на Комисијата да бидат членови на Советот, по мое размислување би можеле да бидат тоа и други истакнати општественици, меѓутоа тоа што така одлучиле доведе до тоа да се случи гладијаторска борба на партиски мислења, подвлече Зарчев. Според него грешка е тоа што Свети Климентовата  награда се доделува  на три личности од различна област, посочувајќи дека слични пропусти се направени и во минатото кога признание за животно дело е доделено  на институција.

Добитникот на повелба, планинарот Мишко Танески смета дека е грешка што општината не ги додели признанијата на годинешните лауреати.

-Сметам дека седницата мораше да се одржи, а наградите да бидат доделени. Ова е деградирање на Свети Климентовата награда и девалвирање на луѓе кои навистина придонеле за афирмација на Охрид.  Оваа година го искачив Килиманџаро и врвот Ајланд Пик на Хималаите каде го истакнав знамето на Охирд и на нашата држава и сметам дека наградата ја заслужувам и се надевам дека ќе ми биде доделена во некоја наредна прилика, изјави Мишко Танески.


Мишко Танески

Познатиот угостител и хуманист, Љупчо Патче, смета дека случувањата околу Свети Климентовите награди не се единствениот пропуст и дека Охрид не го одбележува достојно празникот посветен на својот заштитник.

Не се лутам што нема да ја добијам повелбата, туку се лутам бидејќи овој град не го заслужува ова што му се случува во овие изминати денови. Академијата требаше да се одржи, без оглед дали ќе се доделат или не наградите, затоа што Св. Климент не е само неработен ден – тоа е празник на кој му оддаваме почит на големиот светец и заштитник на Охрид, вели Патче. Според него празникот заслужува поголемо внимание од локалната самоуправа и градоначалникот кој деновиве е на службено патување во Брисел.

– Со вакви пропусти оваа година самите охриѓани си нанесовме голем срам, рече Патче. Тој истакна дека без оглед на сите случувања ќе продолжи и натаму да го сака својот град и да им помага на луѓето, бидејќи тоа, како што рече,  не го прави за никакви награди.


Љупчо Патче

Граѓаните на Охрид со резигнираност гледаат на скандалот со доделувањето на Свети Климентовите награди, кои како што велат претставуваат срамен чин кој не смее никогаш повеќе да се повтори.

Горан Момироски