На локалните избори 25,2 отсто од граѓаните на национално ниво би го дале својот глас за СДСМ, 20,6 отсто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 6,1 за ДУИ, 5,1 за „Алијансата на Албанците“, 4 за Беса и 2 отсто за ДПА, покажуваат резултатите од политичкиот барометар на агенцијата „Брима галуп“, кој го мери расположението за гласање за кандидатите на политичките партии за градоначалници на локалните избори, спроведен како дел од редовното тримесечно омнибус-истражување, пренесува „Макфакс“.

На ниво на Македонија друга опција би поддржале 3,2 отсто од испитаниците, нема да гласаат 17,7, а одбиле да дадат одговор или се неопределени 16 отсто. За град Скопје друга опција поддржуваат 1,1 отсто од испитаниците, 12,5 отсто нема да гласаат, а 14,7 отсто одбиле да дадат одговор или се неопределени.

Анкетата е спроведена врз репрезентативен примерок од 1.205 полнолетни граѓани на национално ниво и 303 испитаници за Скопје во период кога сè уште не беа соопштени кандидатите за градоначалници. Испитаниците одговарале на прашањето: „Ако локалните избори се одржат денес, за кандидатот на која партија ќе гласате за градоначалник на вашата општина, односно за градоначалник на Скопје“.

OhridNews