Резултатите од телефонската анкетата на дневниот весник „Дневник“ спроведена на 1.560 испитаници во периодот од 12 до 17 септември годинава во сите шест изборни единици во Македонија, покажуваат дека доколку утре има избори 23,5 отсто од гласачите би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 12,2 отсто за СДСМ, 5,3 за ДУИ, 1,9 за ДПА, 1,4 за НД, 0,8 за ЛДП, по 0,3 отсто за Обединти за Македонија и ВМРО-Народна партија, 2,5 отсто за другите партии на помалите етнички заедници, а речиси половина од избирачите, или 41, 7 отсто би биле неопределени.

Најголема доверба кај испитаниците од  политичарите има премиерот Никола Груевски – 22 отсто, потоа следат лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски со 9 отсто, претседателот на ДУИ Али Ахмети со 7, Имер Селмани од НД со 6, лидерот на ДПА Мендух Тачи со 3, Љубе Бошкоски со 3 отсто и Љубчо Георгиевски и Јован Манасијевски со по 2 отсто.

Вчера резултатите од испитувањето на јавното мислење ги објави и ИРИ. Според истите, доколку сега се одржат избори ВМРО-ДПМНЕ ќе добие 28,7 отсто од гласовите на избирачите, додека опозициската СДСМ би освоила 15 отсто. ДУИ е на третото место на оваа листа со 10 отсто, ДПА е зад неа со три отсто, а Нова Демократија со два отсто. Како неопределени се изјасниле 22 отсто од анкетираните граѓани.

OhridNews