Американскиот милијардер и трговец со недвижнини Доналд Трамп се искачи на врвот од потенцијалните кандидати за претседателската номинација на Републиканската партија за изборите во 2016 година, а го минал и најсериозниот противник Џеб Буш, покажува анкетата којашто ја објави телевизијата CNN, пренесува „Макфакс“. 

Доналд Трамп го поддржуваат 18 отсто од републиканците, се наведува во анкетата на CNN спроведена по 18-ти јули, откако овој го критикуваше воениот пат на републиканскиот сенатор Џон Меккејн. Во предност е во однос на Џеб Буш, братот и синот на двајцата поранешни американски претседатела, поранешен гувернер на сојузната држава Флорида кој има поддршка од 15 проценти. 

„Станува збор за движење, не сум во прашање само јас“, рече Трамп во емисијата „State of the Union“ на CNN појаснувајќи дека оттаму воопшто не го изненадиле резултатите од анкетата. „Луѓето се заморени од неспособноста на политичарите во Вашингтон кои ништо не прават“, додаде.

Поддршката за Трамп меѓу републиканците пораснала за шест процентни поени од крајот на јуни, и покрај многубројните осуди за неговиот напад врз Меккејн, некогашен пилот во морнарицата измачуван во текот на неговото петгодишно заробеништво во текот на Виетнамската војна, кому Трамп му порача дека не е херој, бидејќи бил заробен. Во понеделникот, пак, на предизборен митинг својот противкандидат сенаторот од Јужна Каролина, Линдзи Греам го нарече „идиот“.

Зад Трамп и Буш, кај републиканските кандидати за номинација е гувернерот на Висконсин, Скот Вокер, кој има поддршка од 10 отсто од гласачите на Републиканската партија, кој учествувале во анкетата на CNN. Ниеден друг кандидат нема двоцифрена поддршка, а ги има вкупно шеснаесет.

OhridNews
извор:„Макфакс“