Спомениците од блиското и подалечното минато имаат големо историско значење. Тие се потсетник на случувања, личности, херојства, но и на жртвите што нацијата низ вековите ги дала за слободата која ја живееме денес. Градот на културата изобилува со вредно културно – историско наследство и споменични добра. И додека за првите се води некаква институционална грижа, за вторите и не може во целост да се каже такво нешто. Особено за спомениците од Втората светска војна во која македонскиот народ плати висока цена во борбата со фашистичкиот окупатор.

Еклатантен пример за тоа е спомен плочата од НОВ која се наоѓаше пред некогашната зграда на Синдикатот во центарот на Охрид која, во меѓувреме го промени сопственикот но и изгледот, а плочата заврши на буниште покрај купиштата градежен отпад и шут во околината на Горица.

Деновиве на нова локација, покрај новата зграда која се идигна на просторот на некогашната зграда на синдикатот, беше поставена нова спомен плоча. Колку се вклопува во сегашниот урбан амбиент таму е сосема друго прашање.

Посочениот случај предизвика силни реакции во јавноста и ги разбуди духовите од минатото. На социјалните мрежи можеа да се прочитаат и провокативни коментари од поединци од соседството, по временото отстранување на спомен плочата од НОВ. За охриѓани, пак, нема дилема, институциите не водат доволно  грижа за заштита на историските споменици. На тоа укажува и анкетата што изминатиот месец ја спроведе Охридњуз. На прашањето: „Дали се води грижа за заштита на спомен обележјата од историско значење?“ – дури 87% од учесниците, односно 1280 анкетирани граѓани одговориле со „Не“, додека 195, односно 13 го сметаат спротивното.  Во анкетата учествуваа 1475 читатели на Охридњуз.

Резултатите од анкетата отвараат многу прашања, најмногу за одговорните за заштита на спомениците од историско значење, дотолку повеќе што и во 21 век македонскиот народ е предмет на сериозни негирања и напади со кои се оспоруваат неговиот идентитет, култура и историја.

Г.М.

Следно анкетно прашање: Верувате ли дека новата 2025-та ќе биде поубава и посреќна?