Во Македонија на 8 мај се одржаа двојни избори, за претседател и членови на Собранието. Во идниот парламент од 5-та Изборна единица Охрид ќе го претставуваат тројца пратеници, Сашо Донев, Лидија Петкоска и Грација Бакраческа, сите од партијата ВМРО ДПМНЕ која оствари убедлива победа на изборите со 58 мандати, а нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова е првата жена пртседател на Македонија.
За време на кампањата политичарите се растрчаа по митинзи, средби со граѓани, јавно се обраќаа преку медиумите и социјалните мрежи… Ветуваа подобар живот, проекти, споделуваа визии. Но, што е тоа што им треба на охриѓани? Го слуша ли некој гласот на граѓанинот? За таа цел Охридњуз во изборниот период спроведе јавна анкета за сопствени потреби во која ги прашавме граѓаните: „Кои приоритети треба да бидат во фокусот на идните пратеници од Охрид?
Најголемиот дел од нив, односно 38 отсто, сметаат дека главен приоритет треба да биде подобрување на инфраструктурата и автопатско поврзување на Охрид, за 22 отсто тоа се образованието и здравството, а ист толкав процент бара поголема заштита на Охридското Езеро и животната средина. 11 проценти сметаат дека приоритет треба да биде зголемување на бројот на дестинации од Охридскиот аеродром, а 7 проценти посакуваат подобрување на условите за инвестиции и развој. Во анкетата беа вклучени 1092 читатели.
Охриѓани, како и останатите граѓани во државата очекуваат многу од идната власт, а пред се одговорно однесување и фокус кон приоритетите кои всушност ги отсликуваат потребите на населението. Ветувања слушнавме многу, желби исто така. Што од тоа ќе се исполни, ќе се чуе ли гласот на граѓанинот? Одговор на овие прашања ќе дознаеме наскоро.
Г.М.
Следна анкета: Постои ли еколошка свест кај нас?