Според анкетата, спроведена врз 1.200 испитаници во општините Прилеп и Битола каде на минатите избори победи ВМРО-ДПМНЕ и општините Струмица, Куманово, Охрид и Штип во кои локалната самоуправа е во рацете на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ во сите шест општини има повисок рејтинг за советничките листи од СДСМ, покажала анкетата на агенцијата Рејтинг изработена овој месец за неделниот магазин „Форум“. Според „Форум“ речиси сигурно е дека градоначалниците на Охрид и на Куманово ќе бидат од СДСМ.
Според анкетата при изборот на градоначалници кај избирачите нема да биде одлучувачка политичката припадност на кандидатот туку што тој сработил досега додека при изборот за советнички листи граѓаните најмногу ќе се водат од политички убедувања.
На прашањето како влијаеше локалната власт врз развојот на општината, во Охрид 52 % од испитаниците се изјасниле позитивно, 37 отсто ни негативно ни позитивно и 11 отсто негативно.
За актуелниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески повторно би гласале 41 отсто, а 22 се против, останатите 37% се неопределени, покажала анкетата на „Форум“. Според истата за советничката листа на ВМРО ДПМЕ се изјасниле дека ќе гласаат 19% од испитаниците, додека за листата на советници на СДСМ би гласале 13%.