Меѓународната анкета, спроведена од страна на ВИН / Галуп интернешенел, една од водечките асоцијации за истражување на пазарот и јавното мислење, покажа дека повеќе од една третина од испитаниците веруваат дека светот ќе биде подобро место за живеење ако политичарите се претежно жени.

Податоците од истражувањето во Македонија покажуваат дека најголем процент (39 проценти) од анкетираните сметаат дека светот би бил подобро место за живеење доколку жените би биле одговорни за политичките прашања. 35 проценти одговориле дека не би имало разлика, а само 19 проценти дека светот би бил полошо место за живеење. 6 проценти од анкетираните не дале одговор на ова прашање.

Во Македонија истражувањето беше спроведено со теренска анкета, лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок од 1214 испитаници на возраст 15+ години, во периодот од 08 до 14 ноември 2013 година.

Во светски рамки пак, 34 проценти од испитаниците изјавиле дека светот, во целина, ќе биде подобро место за живеење ако политичарите се претежно жени. 17 проценти веруваат дека светот ќе биде полошо место за живеење, а дури 41 проценти од испитаниците сметаат дека нема да има разлика.

Регионот на Северна Африка и Блискиот Исток (34 проценти) е со највисока стапка на одговори дека светот ќе биде полошо место за живеење ако политичарите се претежно жени.

Во Колумбија, анкетираните имаа највисока стапка на одговори (62 проценти) во категоријата дека светот би бил подобро место за живеење доколку има повеќе женски политичари.

OhridNews

извор: „Mакфакс“