Граѓаните се поделени во оценката на работата на Владата во првата година од мандатот, покажува анкетата на Топ Тема на Ваша Страна која ја изработи Телевизија Телма и МЦМС во периодот од 15 до 23 мај, телефонски контактирајќи 1.052 испитаници. Еден и пол отсто е разликата меѓу оние кои и дале позитивна оценка на Владата и оние кои и доделиле негативна. Разликата меѓу испитаниците кои се целосно задоволни односно целосно незадоволни е далеку поголема. 

На прашањето дали ситуацијата во земјава изминатата година со работата на новата Влада се движи, во позитивна, негативна насока или останува иста речиси идентичен број на испитаници имаат дијаметрално спротивно мислење. 36,8 % одговориле негативна насока,35,1 % – позитивна насока, 22,4 % сметаат дека ситуацијата е иста а 5,7% не знаат или не сакаат да одговорат.

Гледајќи по етничка припадност поголем дел од Албанците сметаат дека ситуацијата оди во позитивна насока, помал дека е негативна или иста додека кај Македонците е поголем процентот на оние кои сметаат дека ситуацијата оди во негативна насока.

Ако пак се споредува според партиското изјаснување – само 8,1 % од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека државата се движи во позитивна насока , речиси 73 отсто во негативна.
Анализите покажуваат дека оние 35 отсто кои се изјасниле дека земјава се движи во позитивна насока главно произлегуваат од поддржуачите на СДСМ, ДУИ и Алијансата.

Специфично е и што 9,7 % од поддржувачите на СДСМ сметаат дека земјата оди во негативна насока а 13,1 % дека ситуацијата е иста. Тој број за непроменливост кај симпатизерите на ДУИ е дури 37,2 % и дополнителни 23,1 % дека земјава оди во негативна насока. 

На прашањето „ Дали сте задоволни од работата на новата влада во изминатата година?“: кумулативно задоволни се 49 %, или 16,5 целосно задоволни, додека 32,5 отсто делумно задоволни. 1,6 процентни поени помалку незадоволни 35,4 % воопшто не се задоволни, 12 % се донекаде задоволни.

Ако бараме некакви специфики во споредбените податоци – речиси е идентичен бројот и на Македонци и на Албанци кои се целосно задоволни и донекаде задоволни. Многу поголем број Македонци – 37.9 отсто наспроти 29,1 % Албанци се воопшто незадоволни.

Партиската призма покажува огромно мнозинство поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се целосно или донекаде незадоволни. Но дилема за премиерот и неговиот тим е дека и 11,9 % од поддржувачите на СДСМ, како и 38 ,4 % од подддржувачите на ДУИ се незадоволни од работата на Владата во изминатата година.

На прашањето „На која област Владата посвети најмногу внимание во изминатие 12 месеци?“ мнозинството граѓани одговорило дека тоа е спорот за името 36,3 %, потоа се ЕУ и НАТО интеграциите со 22,4%, надворешна политика со 3,9% и зголемувањена работни места – 2,9 %.

Областите економија, социјала, здравство, странски и домашни инвестиции, економски развој, образование, земјоделие – се е под 2 % во одговорите на испитаниците.

На прашањето: „Што е тоа што сакаат да го видат од оваа Влада?“  – на прво место според дадените одговори се нови работни места со 26,8 %, екомонски развој – 25%, здравство – 9% и социјална заштита со 6,4%.

Она што е приоритет на Владата е на петто место кај граѓаните. Само 6,3 % сметаат дека треба да се посвети на името а 5,3 % на ЕУ и НАТО интеграциите. Интересно е што правосудството е приоритет за само 1,3 % од граѓаните, додека образованието за 2,1% а животната средина само еден отсто од испитаниците.

Според граѓаните МНР, МВР, Образование и труд и социјална политика се петте министерства кои најдобро работат.

Обратно од нив, најлошо мислење граѓаните имаат за министерство за здравство со 18,2 отсто, а потоа следуваат Правда, МВР, економија и култура со процентен распон од 7,1 до 4,9 отсто.

Безмалку 60 % не се задоволни од мерките за економски раст и вработеност, 61% не се задоволни од минималната плата, 60,3% не се задоволни од борбата со криминалот и корупцијата, 59 % не се задоволни од реформите во судството а 63,6 не се задоволни од мерките за унапредување на здравството.

Единствено за реформите во образованието безмалку половина односно 49,3% се изјасниле дека се задоволни.

Иззвор: Телма