На Европското првенство во фудбал што се игра во Германија, по два дена пауза денеска почнува елиминациската фаза. Возбудувањата ќе кулминираат со 8 средби од осминафиналето, а две се играат вечерва. Актуелниот европски првак Италија од 18 часот игра со Швајцарија, а во 21 часот се среќаваат Германија и Данска.

Меѓу шеснаесетте најдобри селекции на стариот континент се најдоа силните фудбалски нации, како и најпријатното изненадување во досегашниот тек на првенството – Грузија. Охриѓани најмногу шанси за титула им даваат на домаќинот Германија, Шпанија и Франција. Според анкетата што за сопствени потреби изминатите две седмици ја спроведе Охридњуз, на домаќинот му се даваат најмногу шанси за триумф на Европското првенство – 35%, додека само 5% сметаат дека некоја балканска држава може да триумфира на шампионатиот. Единствен претставник од регионот во осминафиналето е Словенија.

На Шпанија типуваат 15% од учесниците во анкетата, а на Англија 12%. Повисоки шанси за триумф им се даваат уште и на Италија (10%), Португалија (10%) и Франција (8%) која, интересно, не е меѓу  топ фаворитите за титула.

Кој ќе го освои Европското првенство ќе дознаеме во следните две недели во кои најважната спордна работа на светот ќе доминира на телевизиските екрани и во разговорите на фудбалските вљубеници.

Г.М.

Следно анкетно прашање: Високите температури и временските екстреми се должат на?