Композицијата „Рај“ на поп-пејачката Анита Мицова доби видеозапис. По првиот албум „Ти сум јас“, ова е шести спот на Мицова. Композицијата „Рај“ е емотивна љубовна песна со блуз-призвуци, која, според многумина, ќе биде зимски хит. Спотот е снимен во струшкото село Белица.

„Не сакам да пеам песни што нема да ме допрат емоционално. „Рај“, како и другите мои композиции, има своја приказна, нешто што јас го имам доживеано. Има луѓе што велат дека на некој начин е клише да се прават љубовни композиции, но грешат. Ако песната ја донесеш на вистински начин, ако преку неа допреш до публиката, притоа е со квалитетен текст, музика и аранжман, тука нема простор за тоа парче музика да не стане хит. Спотот е дополнување на целата приказна, која овие денови ќе може да ја гледаат сите“, вели Мицова.

Семејната атмосфера, бескрајната љубов и топлината на домот споени во едно е рајот за кој Анита Мицова пее во композицијата што деновиве ќе биде објавена со видеозапис. Формулата за успех и создавање хит пејачката не ја открива, но вели дека очекува позитивни овации од публиката. Освен за „Рај“, Мицова „треската“ со снимање видеозаписи ја продолжува и оваа недела. Таа го доснимува спотот и за композицијата „Еден ден“, а со тоа, бројот на видеозаписи ќе се заокружи со седмица. Деталите за истиот, вели ќе ги чува во тајност, се додека таа не го види конечниот резултат и не ги сумира впечатоците.

OhridNews