4-ти октомври е светскиот ден на животните. По тој повод Анималиа, сака да испрати апел дека и животинките се дел од оваа планета Земја и имаат подеднакво право на опстојување, како што тоа ние луѓето имаме. Не треба да се сметаме дека како вид сме доминантни и да чиниме што тоа сакаме со нашите пријатели во кои животна искра тлее.

Животните се сами по себе вредни и не постојат за да му служат на човекот. Секое животно има своја специфична природа, свои потреби, чувствува, го карактеризира свесност и интелигенција, се грижи за своите младенчиња, сака слобода и сака да живее. Во цивилизирано и хумано општество не смее да им биде ускратено правото на живот и слобода. Доволно е рака да им подаваме и да се грижиме онолку колку што можеме, а можеме многу без притоа да ја префрламе одговорноста на другите.

4- ти октомври е денот кога се слави денот во помен на светецот Св. Фрањо Асисшки, светецот заштитник на животните. За прв пат овој ден почна да се одбележува во далечната 1925 година во Берлин, под иницијатива на Хеинрицх Зиммерманн, германски писател и публицист, меѓутоа на 24 март. Во 1929 се започна да се одбележува на 4-ти Октомври, но само во Германија, Австрија, Швајцарија и тогашна Чехословачка, за да во 1931 година на Интернационалниот конгрес за заштита на животините одржан во Фиренца, Италија, биде и официјално прогласен за светски ден на животните.

Анималиа, години наназад го одбележуваше правејќи настани каде се делеше информативен материјал и се чинеше обид за вдомување на бездомни животинчиња. Оваа година изостана одбележувањето поради немање доволно волонтери кои би издвоиле од времето. Знаете, едно чудо гладни устиња мора да бидат нахранети во прифатилиштето кое го управуваме, се нема енергија за да се истрае насекаде.

Во прилог и неколку слики направени утринава додека заедно го одбележувавме денот на животните со нашите пријателчиња. Напомена, храната е од растително потекло специјално направена за кучиња. И секако, ниеден од нашите неколкумина волонтери не користи храна која има животинско потекло. Неубаво е да го јадеш она што го љубиш, нели?

Ваша,
Анималиа.