По објавената информација за стружанецот кој деновиве беше нападнат од поголема група на кучиња, се огласија локалните и националните здруженијата за заштита на животни, кои изразија жалење за немилиот настан.

Од здружението Anima Mundi од Скопје преку писмено соопштение до медиумите вината за овој случај ја посочуваат во општина Струга, која иако е обврзана, не врши масовна стерилизација на бездомните кучиња и не спроведува едукација за одговорно сопствеништво на миленици.

-Информираме дека Anima Mundi заедно со струшкото здружение Animal World, има доставено до општина Струга Предлог Програма за хумано и ефикасно решавање на проблемот со бездомните кучиња како и понуда за соработка, но одговор никогаш не добивме. Информираме дека сакаме и имаме капацитет да спроведеме стерилизација на бездомни кучиња во општина Струга и може да помогнеме во надминување на проблемот, пишуваат меѓудругото од Anima Mundi. Оттаму нагласуваат дека научните истражувања покажуваат дека со стерилизација односно кастрација на кучињата се смирува нивниот хормонален статус, се намалува бројот на мајки со малечки, нема глутници, а можноста за агресивно однесување на кучињата опаѓа за цели 99%.

Од здружението Animal World од Струга исто така сметаат дека  стерилизација и вакцинација на кучињата е единствен валиден механизам кој обезбедува ефикасно и трајно намалување на бројката на бездомни кучиња.

-Ние како здружение сме згрозени од тоа што се случи и затоа се надеваме дека институциите конечно ќе ја сфатат сериозноста на овој проблем и ќе преземат соодветни мерки кои се предвиени со закон, за да се реши проболемот со бездомните кучиња, кој во нашата општина со години се пролонгира. Како здружение апелираме да се преземат мерки и да се обезбедат средства за изградба на стационар или пак да се примени методот на залов и стерилизација, вели Јована Мојсоска од здружението Animal World.

Таа нагласи дека ова здружение веќе започнало да врши кастрација и стерилизација на дел од уличните кучиња во Струга кои ќе бидат соодветно обележани, за граѓаните да знаат дека тие кучиња не се агресивни.

OhridNews