Ништо нема да се случи од најавената Супер лига, откако 12-те клубови учесници не добија поддршка од симпатизерите и го навлекоа гневот на фудбалските фанови ширум светот. Шесте англиски клубови (Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Ливерпул, Челси, Тотенхем и Арсенал), доцна синоќа, со официјално соопштение најавија повлекување од Супер лигата. Во бунтовничката мисија не беа вклучени само симпатизерите, туку и фудбалерите, кои јавно, преку социјалните мрежи искажаа незадоволство од новоформираната лига од затворен круг и карактер.

Пратејќи ги желбите и барањата на навивачите и укажувањата на фудбалерите, мораше да ги послушаме и да се повлечеме. Не сакаме да одиме против оние кои ни се наша поддршка во клупската историја, – се вели во соопштенијата од премиерлигашите.

После одлуката за повлекување на премиерлигашите, од Супер лигата се јавија со соопштение во кое се вели дека идејата за формирање е стопирана, но ќе стои за некои подобри времиња. Сепак, мора да се признае дека, клубовите кои беа дел од Супер лигата издејствуваа и ѝ направија притисок на УЕФА да промени некои работи. УЕФА, уште вчера, информираше дека ќе го зголеми финансискиот колач од ТВ правата на клубовите, нешто што оди во прилог на клубовите.

Пресеќен сум што клубовите ја признаа грешката и се вратија во нашето фудбалско семејство. Не е тешко да се згреши, тешко е да се признае грешката. Клубовите повторно му дадоа голема вредност на фудбалот, – рече првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.

Извршниот директор на Манчестер Јунајтед, Ед Вудвард, ја плати цената за неуспехот на Супер лигата, поднесувајќи оставка од позицијата на „Олд Трафорд“. Тој ја загуби и позицијата во УЕФА, а се очекува неговиот пример да го следи извршниот директор на Јувентус, Андреа Ањели.

OhridNews