Имињата на Ристе Јанков, Дарко Чурлинов и Милан Ристовски на списокот од селекторот Игор Ангеловски за претстојното првенство е мало изненадување. Селекторот смета дека триото млади фудбалери ќе може да одговори на предизвикот со кој ќе се соочат во текот на подготовките и самите натпревари.

Ристовски, Чурлинов и Јанков се нашата иднина, затоа се на нашиот список. Со својот квалитет јас сметам дека можат да придонесат во А тимот и да соберат искуство, бидејќи очекувам во наредните години да бидат стандардни првотимци. Жалам за отсуството на Илија Несторовски, со нас е пет години и вредно работеше со сите нас да се пласираме на Европско првенство. Сепак, верувам во останатите играчи и дека без проблем ќе го дополнат неговото отсуство. УЕФА дозволи и три резерви во случај на ковид-проблеми, но се надевам дека тоа ќе не одмине, – рече селекторот Ангеловски.

Желбата на селекторот на ЕП е репрезентацијата да се надигрува и да се грабне секоја шанса за поволен резултат во трите мечеви од групната фаза.

Овие фудбалери многу пати досега ја направија нацијата горда и со самиот пласман на Европскиот шампипонат. Со нивните настапи за тимот и можам да ветам на нацијата дека ќе направат сè во своја моќ пак да ги направат фановите горди, – истакна Ангеловски.

Првиот собир на репрезентативците е на 25 мај, а во текот на подготовките „црвено жолтите“ ќе тестираат со Словенија и Казахстан.

OhridNews

 

Селекторот Игор Ангеловски ги одбра македонските адути за ЕП