Најдобрата македонска фудбалска репрезентација успеа да остане непоразена на гостувањето кај Грузија ремизирајќи 1-1 во рамките од втората рунда во Лигата на Нации. „Црвено жолтите“ не одиграа најдобро, но бодот го заслужија бидејќи во текот на мечот имаа негатива и играч помалку, после црвениот картон на Висар Муслиу.
Тежок натпревар, со многу тактички надмудрувања. Сакам да им честитам на фудбалерите кои одиграа тежок дуел, игравме половина час и со играч помалку, па заслужено на крај стигнавме до бод. – изјави селекторот Игор Ангеловски.
Селекторот додаде дека воведните два натпревари од новото издание на Лигата на Нации биле генерална проба за бараж мечот со Косово. Македонија во првиот меч славеше против Ерменија со 2-1, а во вториот ремизираше со Грузија 1-1.
Овие два натпревари, реков и претходно, ќе ни бидат важни да видиме до каде сме по една долга пауза. Мини циклусот го завршуваме со четири бода и јас сум задоволен иако знам дека овие не се нашите најдобри изданија. Знам дека најдоброто од момците ќе биде на 8.октомври против Косово. Сакам само да бидат сите фудбалери на располагање здрави, и во овој корона-период, и знам дека ќе бидеме најдобри со Косово. – истакна селекторот.
Македонија бараж натпреварот со Косово ќе го одигра на домашен терен на Националната арена „Тодор Александров“. Победникот од дуелот ќе игра во финалето од баражот. Противник ќе биде подобриот од дуелот Белорусија – Грузија.
OhridNews