Македонските фудбалски репрезентативци ги започнаа подготвките за квалификацискиот натпревар против Шпанија, кој ќе се одигра на 12. ноември во Гранада. По три одиграни натпревари во квалификациската група за пласман на Светското првенство во Русија, Шпанија има седум, а Македонија сѐ уште е без освоен бод.
Игор Ангеловски, селекторот на Македонија, за мечот со Шпанија повика 21 фудбалер, од кои осуммина се играчи на селекцијата до 21 година, која минатиот месец избори пласман на Европското првенство.
„Ме радува што фудбалерите пристигнаа, ме радува и што здравствениот билтен е поволен, нема повредени играчи. Исто така, ме радува и нивната форма, дојдоа фудбалери кои имаа одлични настапи викендов, Несторовски и Алиоски беа стрелци, Стефан (Ристовски) и Жута со Ријека победија во дербито со Хајдук. Очекувам во една добра атмосфера да се подготвиме за она што нѐ очекува со Шпанија. Од фудбалерите очекувам да одиграат барем за едно ниво подобро од она што го одиграа против Италија“, рече селекторот Ангеловски, дополнувајќи дека сите повикани ќе конкурираат за место во тимот и дека во А селекцијата нема поделба на млади и стари.
Анализирајќи го противникот, за Макфакс македонскиот селектор рече дека иако Дел Боске повеќе не е селекторт на Шпанија, нема драстични промени во начинот на кој игра „црвената фурија“. – Шпанија не го менува стилот на игра, тој е заснован на начинот на кој се работи во двата најголеми клуба Реал и Барселона. Таа техничко-тактичка супериорност ја пренесуваат и во репрезентацијата. За мене Шпанија е меѓу четирите најдобри светски селекции, светски и европски првак, но против секого може да се игра. Треба само да го дадеме максимумот. Јас никогаш не велам дека ‘нема што да загубиме’, ова е натпревар од кој може многу да добиеме. Без разлика како ќе се одвиваат настаните на теренот посакувам мојот тим да одигра одважно, да верува во себе. – прецизираше селекторот.
Ангеловски уште еднаш потврди дека и против Шпанија неговиот тим ќе игра во формација 3-5-2, тактичка поставеност со која Италија на Европското првенство ја победи „црвената фурија“, а пред еден месец одигра нерешено.
„Начинот на кој игра Италија мора да ни биде показател како да се стремиме да се одвиваат настаните на тој натпревар и да се надеваме дека ќе ни донесе убави моменти“, вели за Макфакс селекторот Ангеловски и дополни: Па не само на европското, Италија со години е најголем проблем за Шпанија, тешко поминуваат против Италија. И на првиот меч за око шпанската игра беше доминантна, но тој натпревар заврши 1-1. Една од причините поради која се одлучив да играме 3-5-2 е Италија, во група во која се тие мораш да играш во систем доколку сакаш да бидеш рамноправен. Значи доколку сакаш да направиш нешто против Шпанија треба да се игра тој систем, бидејќи тие тешко играат против тој систем.
Инаку Шпанскиот селектор Лопетеги пред натпреварот со Македонија се соочува со сериозни проблеми во дефанзивниот ред, бидејќи поради повреди овој меч ќе го пропуштат Пике, Серхио Рамос и Жорди Алба, а од иста причина во составот ќе го нема и Иниеста.
– Тие се фудбалери од светска класа, тие се столбови на Реал и Барселона. Сигурно е дека тоа би бил хендикеп за секој тим, Рамос и Пике седум-осум години играат заедно во репрезентацијата, но далеку од тоа дека немаат доволно квалитетни играчи на тие позиции. Сепак, постои разлика кога ќе настапиш со воигран тим и со фудбалери кои првпат ќе играат заедно. Напоменувам дека мене ми е најважно како ќе одиграме ние, ме радува што моите играчи без респект влегуваат во натпреварите, се надевам дека така ќе биде и против Шпанија која е фаворит на дуелот. – рече Ангеловски.
Македонските репрезентативци до среда ќе се подготвуваат во Скопје, а за Шпанија ќе заминат в четврток. Дуелот се игра в сабота во Гранада со почеток во 20:45 часот.
OhridNews