Наплатата на приходите во април е подобра за 1,4 милијарди денари од најоптимистичкото сценарио за реализација на приходите во услови на коронакризата. Наплатата на приходите од почетокот на годината е за 4,9% пониска во однос на минатата година, информира на денешната прес конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

Согласно основното сценарио на Министерството за финансии за економскиот резултат во 2020 година проектирано е забавување на економската активност за -3,4% со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст.

Буџетските приходи во месец април изнесуваат 14,2 милијарди денари, што претставува пад од 20% споредено со април минатата година, од кои даночните се 7,2 милијарди денари или за 31% помалку во однос на лани, додека придонесите се реализирани во износ од 5,5 милијарди денари што е на исто ниво со лани.

„Со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните, запирањето на економските активности или отежнувањето на некои синџири на набавка, падот на приходната страна е очекуван. Сепак во основното сценарио кое Министерството за финансии го имаше направено на почетокот на коронакризата, таканареченото поповолно сценарио, проектираниот пад за април е повисок од реализираниот, односно изнесува 40% на даночните приходи. Ова значи дека имаме подобра наплата за 1,4 милијарди денари во однос на корона проекциите за месец април, односно нашето разработено сценарио може да се каже дека било поконзервативно или претпазливо“, рече Ангеловска.

Најголемо натфрлање има кај данокот на добивка. Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април кои изнесуваат 1,43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс што е позитивен податок кој говори за успешните резултати на компаниите остварени минатата година. Придонесите во април не бележат пад односно се остварени на ниво од минатата година. Што се однесува до расходната страна во месец април вкупните расходи се реализирани на речиси исто ниво како минатата година односно со раст од 0,7%.

Позитивен инпут се очекува да даде јавната потрошувачка главно како резултат на зголемените расходи за здравствениот сектор, и се очекува да забележи раст од 2,7%. Увозната побарувачка, во услови на очекуван пад на извозната активност, инвестициите во капитални/трајни добра, како од страна на деловните субјекти така и од домаќинствата, се предвидува да се намали, оттука, нето-извозната побарувачка, во услови на поголемо апсолутно намалување на увозот од извозот на стоки и услуги, делумно го неутрализира негативниот придонес на домашната побарувачка врз економската активност.

Стапката на инфлација во земјата во првиот квартал од 2020 година изнесува 0,6%, што упатува на одредено надолно отстапување во однос на проектираната инфлација.

OhridNews