Министерството за финасии најголем удар врз државниот буџет очекува во вториот квартал од годината, поради што се подготвени три сценарија за справување со кризата што произлезе од состојбата со коронавирусот.

  • Имаме три основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај првото сценарио – поволното, предвиден е пад од 20 отсто на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра, односно за толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање. Кај второто сценарио – неповолното, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30 отсто со што потребите би се зголемиле за околу една милијарда евра. И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40 отсто, дополнителните потреби би биле околу 1,3 милијарди евра, рече на денешната прес конференција, министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Претпоставките за третиот и четвртиот квартал се разликуваат согласно кога би започнал периодот на економско заздравување и стабилизација, додаде Ангеловска. Потенцира дека во овој момент најважно е државата да е подготвена и за најлошото сценарио, а да се преземаат мерки и повлекуваат чекори за да се случи најдоброто.

Ангеловска информира дека во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да се обезбедат овие средства.

OhridNews