Пожарот на планинскиот врв Магаро на Галичица се спушта во насока на населбата Стење и истиот е поделен во два крака. Едниот се движи во насока на Стење, односно шумата која се наоѓа над населбата Стење, додека вториот крак се движи во насока на еден од Планинарските домови, вели првиот човек на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Доброволците од Планинската спасителна служба од Охрид се обидуваат да воспостават контрола, но се развива висока температура бидејќи бујната вегетација, тревата и грмушките се високи и создаваат висока температура. Алпинистите со хеликоптер ги исфрламе некаде по гребенот на планината, а потоа пеш се спуштаат кон жешките точки на овој пожар, изјави Ангелов.

Посочи дека повторно има разгорување на еден од краците на Илинска Планина во насока на селото Вирово каде дејствуваат вработени во Национални шуми.

Пожарот гори ниско по земја, горат отпадоците од лисја, хумусот помеѓу високите буки и постои можност на повеќето места да нема никаква штета врз високите дрвја. Изгорен е гребенот на кој има само трева и некои грмушки, додава Ангелов.

Инаку, како што утрово информираа од ЦУК изгаснат е пожарот што зафати мешана шума во село Опеница во Охрид, како и ниска вегетација во с.Долно Татеши – с.Добовјани во Струга.

Н.С.Ј.