Девет пожари на територијата на државата се активни, изгаснати се 24, додека под контрола се 5 пожари информира првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов. Активен и во текот на ноќта и утрово е и пожарот на Галичица.
Гори од двете страни на Галичица и од охридската и преспанската страна. Пожарот предизвикува силна вознемиреност помеѓу граѓаните. Пожарот од страната на Преспа се движи во насока на селата Лекосец и Стење. Зборуваме за ресенското село Лескоец, не охридското за да не дојде до забуна. Овде дејствуваме во еден „ер трактор“ кој сеуште е активен на Дирекцијата за заштита и спасување, но има и 20-тина лица од НП Галичица, како и доброволци. Од другата страна, од охридската, дејствуваат 20-тина вработени во НП Галичица, како и 15 доброволци, односно лица од Планинскатата спасителна служба Охрид кои со своите вештини се исклучително корисни бидејќи се работи за добро обучени планинари и аплинисти кои можат да се движат низ овој предел зафатен со оган, вели Ангелов.
Карактеристично е, додава, тоа што на преспанската страна на некои места се јавува многу густ црн чад кој најверојатно е предизвикан од поголемиот број смреки и овој чад предизвикува сила вознемиреност кај граѓаните.
Втората карактеристика на овој пожар, особено од охридска страна е што се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од војните кои се воделе на овој регион и фронтовата линија. Тоа дополнително го отежнува гасењето на овој пожар бидејќи мораме да почекаме истиот да се приближи кон шумата каде што е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас, каде има претежно трева и грмушки и друга ниска вегетација, гасењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии, потенцира Ангелов.
Во однос на пожарите кои се под контрола Ангелов го спомена и пожарот на Илинска Планина.
Н.С.Ј.