,,Се наоѓаме во исклучително тешка позиција. За успешно планирање и водење на бизнисите многу е важно да постои предвидливост, бидејќи без тоа не може да се носат деловни одлуки кои ќе дадат позитивни резултати. Генерално како држава постојано доцниме со решенијата” вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, првиот човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски. Тој во интервјуто оценува дека владините мерки редовно се насочени да го гаснат социјалниот пожар и многу ретко се во правец на коренито решавање на проблемите или храбро да се влезе во суштински реформи кои на долг рок би донеле и одреден бенефит.

Бизнисот носи голем товар, фирмите се соочуваат со голема неизвесност, намалена побарувачка на странските пазари, висока инфлација, зголемувања на даноците. Големи стресови доаѓаат од многу страни. Како влијае сето ова на стопанството?

Се наоѓаме во исклучително тешка позиција. За успешно планирање и водење на бизнисите многу е важно да постои предвидливост, бидејќи без тоа не може да се носат деловни одлуки кои ќе дадат позитивни резултати. Генерално како држава постојано доцниме со решенијата. Кога немате точни конкретни решенија за актуелните проблеми, бизнисите се обидуваат да рационализираат, со цел да обезбедат одржлив опстанок. Тоа значи дека нема инвестиции и развојна компонента која носи додадена вредност. Во приватниот сектор во нашата земја работат околу 700 000 луѓе. Кога тонат компаниите тонат и сите овие луѓе и нивните семејства, а се доведува во прашање и обезбедуваат средства за функционирање на државните институции.

50 илјади денари се потребни едно четиричлено семејство да може да преживее . Додека со платата на еден функционер се покриваат дури три минимални синдикални кошнички, еден работник не може да си го прехрани своето семејство ни со две минимални плати. Незадаволството кај граѓаните и фирмите расте, како Сојуз на стопански комори што им сугерирате на економските министри?

Уште кога почна економската криза со почетокот на пандемијата алармиравме и апелиравме товар да се подели рамнимерно на сите чинители, бидејќи само така може да се намали огромниот негативен ефект кој се генерираше. Исто така приватниот сектор во нашата земја постојано се наоѓа во некоја подредена позиција, иако тој е оној кој обезбедува средства за да може да фунционира дражавните институции и администрацијата. И кога ќе го земете во предвид целиот контекст на работите очекувано беше зголемувањето на платите на функционерите да предизвика огромно незадоволство. Јас лично сметам дека сите треба да имаат поголеми приходи затоа што трошоците за живот се значајно зголемени, но мора да сме свесни дека тоа не може да се прави со администаривни одлуки, туку потребно е да фунционира според економската логика, мора да се намали бројот на јавната администрација да се воведе дигитализацијата и со ваквата рационализација да се обезбедат дополнителни средства за да се мотивира администрацијата и фукционерите.

Бизнисот генерално беше против замрзнувањето на цените.Колку власта според вас требаше да го заштити населението како што тоа го прават другите држави, со финансиска инекција на секое домаќинство?

Бизнисите работеа во услови кога цената на инпутите во производните процеси постојано се зголемуваше. Во такви услови не можете да ги замрнете цените на крајните производи бидејќи никој не е во состојба да произведува производ од кој не само што нема заработка туку е во загуба. Тоа не е одржливо решение, бидејќи води кон затворање на бизнисот. Во мерките и пакетите кои ги креирше владата во изминатите две години имаше и такви кои значеа директна финансиска поддршка за граѓаните, но сепак сметам дека помош треба да се дава онаму каде парите ќе можат да се размножат и ќе да создадат додадена вредност.Без да обезбедиме квалитетни услови да стопанисување, раст и развој на Компаниите неможеме да очекуваме на благосостојба на граѓаните на нашата земја.

Колку владините мерки се реални или само гаснат социјален пожар? Има ли ефект од досегашните владини потези за стопанството?

Владините мерки редовно се насочени да го гаснат социјалниот пожар и многу ретко се во правец на коренито решавање на проблемите или храбро да се влезе во суштински реформи кои можe на долг рок би донеле и одреден бенефит. Скоро сите мерки кои се превземени се таргетирани кон физичките лице и оние сто се дадени на прехрамбените компании не се наменети како крајна цел кон стопанството туку кон намалувањето на цените на физичките лица. Многуте предлози кој ние ги дававме многу од нив беа наменети кон реформи на администрација, процедурите и непотребната бирократијата и не баррат дополнителни средства за жал најголемиот дел од нив не се имплементирани.

Ангелоски, Власта ги испрати во Собрание законите за коридорите со европско знаменце. Лидерот на опозицијата, Мицкоски имаше средба во ССК на оваа тема и порача дека цената која што Македонија ќе ја плати за коридорите ќе биде најмалку два пати повисока од таа која ја лиферува Владата.Кој е ставот на бизнис заедницата?

Основни постулати на слободниот пазар е можноста цените да се формираат врз база на понудата и побарувачката под еднакви услови за сите заинтересираните субјекти. Само така ќе може да се обезбеди здрава конкуренција која ќе донесе и квалитетен договор. Тоа е основно економско правило и секогаш апелираме да одиме во тој правец, да се избегнуваат процедури кои ќе фаворизираат одредени процеси или субјекти и да им се даде шанса на македонските компании да дојдат до еднаков и фер третман во нашата земја во однос на сите економски проекти. Транспарентно водење на постапките исто така е многу важно за да се избегне и намали коруптивно однесување.

Коморите постојано апелираат за предвидливост на деловниот амбиент. Стопанството е против ненадејни законски и други решенија кои удираат врз буџетот на фирмите и врз џебот на работниците. Солидарен данок – ќе се плаќа или не? Дали Владата треба да наплати близу 80 милиони евра од компаниите од нивните екстра добивки?

Сметаме дека државните институции пред сè треба да се фокусираат на намалување на нерационалните трошења. Некои јавни претпријатија со години работат со милионски загуби без при тоа да се побара одговорност од менаџментите на овие компании и да се најде начин да се вратат средствата. И додека надлежните континуирано не преземаат мерки за да се сопре овој огромент одлив на средства од државниот буџет, се промовира еден нов систем на солидарност, кој на крајот на денот го поставува прашањето со што се солидаризираме со неоснованото трошење на државните пари. Не може да има солидарност со неефективното работење, бидејќи така се поддржува тој начин нафункционирање. Навистина сметаме дека постои огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, дури сметаме дека постои можност и да се појават вишок средства, а не намалени средства па да се продуцираат нови даноци за прибирање на нови пари.

Како претседател на Сојузот на стопански комори кои се според вас клучните промени кои треба да се направат за македонската економија да тргне во добар правец?

Нашава земја и нашава економија не им овозможува доволно можности на македонските компании да инвестираат. Ако станува збор во производни капацитети, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетиката на приватниот сектор не му се дава адекватна шанса, дали станува збор за одредени други можности за да вие го привлечете вниманието и тоа на крајот се забележува и според нивото инвестициите кое многу ниско. Административни процедури се сложени. Нема воља да се најдат решенија, на важни позиции се наоѓаат лица без доволно капацитет за успешно менаџирање на процесите.

OhridNews

Извор: Сојуз на стопански комори на Македонија