Неделава што изминува е недела посветена на децата, нашето најголемо богатство. Како локална власт покажавме вистинска грижа и посветеност за обезбедување на подобри услови за децата, младите затоа што тоа е вложување во нашата иднина, истакна кандидатката за советник Живка Ангелоска од СДСМ и Коалицијата. Ангелоска истакна дека во текот на наредниот мандат ќе продолжат да работат на подобрување на условите во градинките и училиштата. Ангелоска најави конкретни мерки за намалување на листите на чекање за упис во градинка, како и анализа на потребите и проширување на капацитетите на сите објекти на детската градинка „Јасна Ристеска“.

Изготвуваме проекти за реконструкција на сите објекти на градинката и проект за изградба на нов проект за сместување на деца по сите современи стандарди. Планираме набавка на нова опрема и нагледни средства со цел нашите дечиња да имаат пристоен престој и соодветно згрижување. Подготвуваме програма за подобрување на условите во градинките и училиштата. Во насока на подобрување на условите за забава и рекреација предвидуваме изградба на нови детски игралишта во секоја населба и секое село во општината, истакна Ангелоска.

Ангелоска потсети на досега преземените активности кои локалната власт ги презеде во изминатиот мандат за подобрување на образовните услови во градот.

Покрај континуираните инвестиции во училиштата беа реализирани и низа реконструктивни зафати во објектите на детските градинки. Извршена е промена на кровот на објектите „Развигорче, Росица, Билјана“ . Во центалниот објект беше изведена  реконструкција на водоводната мрежа и електричната инсталација за приклучување на новата опрема во централната кујна. Изградени се нови детски игралишта на патеките кон Горица, ОУ „Григор Прличев“, во населбата „Радојца Новичиќ “ во населбата Воска и беше извршена реконструкција на дел од постоечките игралишта, истакна Ангелоска.

К.А.